Lokman İlhan
18 Ноември 2019•Ажурирај: 18 Ноември 2019
ЛА ПАС (АА) – Бројот на загинати во бранот насилства во Боливија што започна по изборите на 20 октомври се зголеми на 23 лица, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Протестите во Боливија што ги започна опозицијата, која тврдеше дека изборите се фалсификувани, се претворија во насилни. Со притисокот на Армијата, претседателот Ево Моралес даде оставка. Потоа на седницата одржана во Мултинационалното законодавно собрание (АЛП) на Боливија, Жанин Анес, заменик-претседателката на Собранието на сенатори (Горниот дом на АЛП), беше избрана за привремен претседател на државата.
Според податоците споделени на социјалните мрежи од страна на Меѓуамериканската комисија за човекови права (IACHR) и Народниот правобранител, на протестите од 20 октомври до 16 ноември, што се одвиваат во голем број градови, 23 лица ги загубија своите животи, а 715 лица се повредени, од кои 8 новинари и 56 полицајци. Во настаните се приведени 1112 лица, а 50 лица се уапсени.
- Политичката криза во Боливија -
На 20 октомври во Боливија се одржаа претседателски избори. Опозицијата тврдеше дека на изборите е направена измама. Двете страни ги повикуваа своите поддржувачи да излезат на улиците.
Додека опозицијата повикуваше на поништување на изборите, Моралес најави нови избори, но поддржувачите на опозицијата најавија продолжување на протестите сѐ додека не се распишат избори без учество на Моралес.
Моралес поднесе оставка откако боливискиот началник на Генералштабот, Вилијамс Калиман, повика на оставка и замина во Мексико. Моралес го опиша процесот како „пуч“.
Анес беше прогласена за привремен претседател на земјата на седница во која немаше мнозинство, бидејќи членови на партијата Социјалистичко движење (MAS), предводена од Моралес, не учествуваа на седницата.