Tevfik Durul,Behlül Çetinkaya
06 Јули 2020•Ажурирај: 07 Јули 2020
АНКАРА
Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика, Џозеп Борел изјави дека на ЕУ и треба поголема соработка со Турција, порачувајќи дека односот со таа земја станал најважнo надворешнополитичкo прашање на ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Борел денес во Анкара се состана со министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, а по средбата во зградата на турското МНР зборуваше на прес-конференцијата.
Тој наведе дека за време на состанокот со Чавушоглу зборувале за билатералните односи и регионалните прашања како што се ситуацијата во Источниот Медитеран, Либија и Сирија.
„Не можеме да кажеме дека ова е период на наши најдобри односи, но мораме заедно да работиме на нивното подобрување“, изјави Борел.
Тој нагласи дека Турција за ЕУ е повеќе од близок сосед.
„Турција е земја кандидат и клучен партнер. Често и интензивно разговараме за Турција. Тоа е воедно и показател колку му придаваме важност на овој однос. Моменталната состојба е далеку од идеална. Постојат сериозни прашања и за нив мораме да разговараме. Мораме да ја промениме динамиката во нашиот однос. Мислиме дека тоа би било корисно за излез од оваа ситуација“, нагласи Борел.
Истакнувајќи дека Источниот Медитеран е од клучно значење за ЕУ, Борел нагласи дека на тоа поле е потребно да се работи во соработка и низ дијалог.
„Потребна ни е поголема соработка. Нашиот однос со Турција стана најважно прашање на ЕУ во поглед на надворешната политика“, порача Борел.