Hasan Esen
21 Март 2019•Ажурирај: 22 Март 2019
ЛОНДОН (АА) - Министерот за внатрешни работи на Обединетото Кралство, Саџид Џавид, по вандализирањето на џамиите во Бирмингем со чекан, изјави дека во општеството нема место за постапки од омраза и дека тие не можат да бидат прифатливи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Вандализирани четири џамии во Велика Британија
Џавид на социјалната мрежа изрази загриженост поради нападот на џамиите.
„Полицијата го истражува мотивот, но дозволете да бидам јасен, во општеството нема место за постапки од омраза и тие никако не можат да бидат прифатливи“, напиша Џавид.
Една од вандализираните објекти е и исламскиот центар „Витон“, за кој соопшти дека сите прозорци на објектот се скршени и дека деловите од скршеното стакло се нашле и во внатрешноста.
Јусуф Заман, лицето одговорно за џамијата „Масџид Фејзул Ислам“, изјави дека биле шокирани од нападот.
„Возрасните велат дека поради ова што се случило денес, децата ќе ги држат подалеку од џамиите, бидејќи тие не се безбедни“, изјави Заман.
Полицијата претходно соопшти дека станува збор за четири џамии во Бирмингем кои со чекан биле вандализирани во доцните часови, а муслиманите во тој град тврдат дека новиот напад се случил во утринските часови, со што бројот на нападнатите џамии е зголемен на пет.
Шефот на полицијата, Дејв Томпсон, изјави дека сѐ уште не го знаат мотивот за нападот.
„Единствено што можам да кажам дека полицијата и Одделот за борба против тероризмот блиску соработуваат за да ги пронајдат сторителите“, изјави Томпсон.
Муслиманите во Обединетото Кралство, по терористичкиот напад извршен на 15 март 2019 година на џамиите во Нов Зеланд, бараа зајакнување на безбедноста на џамиите.