Ahmet Gürhan Kartal
23 Септември 2021•Ажурирај: 23 Септември 2021
ЛОНДОН (АА) - Годишната конференција на Обединетите нации (ОН) за климатските промени, КОП26 (COP26) мора да биде „пресвртница за човештвото“, изјави британскиот премиер Борис Џонсон вчера во Њујорк, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето до Генералното собрание на ОН, Борис Џонсон ги повика светските лидери да го препознаат обемот на предизвиците со кои се соочува светот во климатските промени и глобалното затоплување.
Нагласувајќи ја потребата за одржување на глобалната температура за 1,5 степени Целзиусови, Џонсон рече дека „адолесценцијата на човештвото е при крај“.
„Се приближуваме до таа критична пресвртница за помалку од два месеци, кога мора да покажеме дека сме способни да учиме, да созрееме и конечно да ја преземеме одговорноста за уништувањето што го нанесуваме, не само на нашата планета, туку и на самите себе. Време е човештвото да порасне“, рече Џонсон.
Тој додаде дека е време „да се слушаат предупредувањата на научниците“, што се покажа како точно во случајот на пандемијата на Ковид-19.
„Секојдневно, неделно, правиме таква неповратна штета што многу порано, пред да поминат милион години, ја направивме оваа прекрасна планета ефективно непогодна за живеење, не само за нас, туку и за многу други видови. И затоа самитот КОП26 во Глазгов е пресвртница за човештвото“, порача Џонсон.
Конференцијата КОП26, која минатата недела беше одложена поради пандемијата на коронавирусот, требаше да се одржи од 31 октомври до 12 ноември во Глазгов, Шкотска.