Fatma Esma Arslan
07 Јуни 2021•Ажурирај: 08 Јуни 2021
ДАКАР
Бројот на загинати во терористичкиот напад извршен во едно село во северниот дел на Буркина Фасо се зголеми на 160 лица, известува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од безбедносни извори, бројот на луѓе што ги загубиле своите животи во терористичкиот напад врз Јага во северниот дел на регионот Сахел ноќта од петокот кон саботата се зголеми на 160.
Се стравува дека бројот на загинати ќе се зголеми поради тоа што има голем број лица што се сериозно повредени.
Во Буркина Фасо прогласена е тридневна национална жалост почнувајќи од саботата. Голем број меѓународни организации го осудија нападот.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, остро го осуди нападот, опишувајќи го како „подмолен“ и ја повика меѓународната заедница да ја зголеми својата поддршка за државите што се борат против тероризмот во регионот.
Во соопштението што го даде Европската Унија се наведува дека овој „варварски“ напад се осудува повеќе од кога било претходно, повторувајќи ја својата поддршка за борбата против тероризмот во Буркина Фасо.
Претседателот на Брегот на Слоновата Коска, Аласан Утара, исто така, го осуди нападот и упати порака за солидарност со народот од Буркина Фасо.
Буркина Фасо често е цел на терористички напади организирани од групи поврзани со Ал Каеда, што делуваат во регионот на Сахел.
Според податоците на Обединетите нации, 1,1 милион луѓе морале да се иселат поради нападите насочени кон цивилите и војниците во земјата.