Godfrey Olukya
17 Јуни 2023•Ажурирај: 18 Јуни 2023
КАМПАЛА (АА) - Бројката на загинати во терористичкиот напад врз средното училиште во западна Уганда во петокот вечерта се зголеми на 41 откако се пронајдени уште тела на ученици, соопштија официјалните претставници, пренесува Анадолу.
Селевест Мапозе, директорот на граничниот регион Мпондве-Лубириха, рече дека од училиштето се отстранети 41 тело, од кои 38 биле на ученици.
Портпаролот на војската, Феликс Кулајигје, за АА изјави дека некои од телата се изгорени до непрепознатливост и дека власта ќе користи ДНК-тестови за утврдување на нивниот идентитет.
„Бунтовниците киднапираа 6 ученици“, додаде портпаролот на војската.
Портпаролот на полицијата, Фред Енанга, изјави дека бунтовниците на Сојузничките демократски сили (АДФ), по убиството на учениците во округот Касесе, го ограбиле училиштето и ги запалиле спалните соби.
„Синоќа бунтовниците на АДФ го нападнаа средното училиште Лубириха во Општината Мпондве, кое се наоѓа на 2 километри оддалеченост од границата со ДР Конго. Досега 25 тела се излечени од училиштето и префрлени се во болницата Бвера“, рече портпаролот, додавајќи дека во болницата се префрлени и 8 повредени ученици.
Бунтовниците избегале кон Националниот парк „Вирунга“ во ДР Конго, каде што ги прогонуваат војската на Уганда и полицијата.
Бунтовниците на АДФ потекнуваат од западна Уганда. Во доцните 1990 години се организирале со намера да го соборат од власта претседателот Јовери Мусевени, но беа совладани од војската на Уганда. Избегаа во шумите на истокот од ДР Конго, од каде што често ги напаѓаат селата и ги убиваат невините цивили.
Турското Министерство за надворешни работи изрази сочувство до семејствата на убиените и им посака брзо закрепнување на повредените.
„Туркије, земја која одлучно се бори против сите облици и манифестации на тероризмот, се солидаризира со Владата и народот на Уганда овој тежок ден“, се наведува во соопштението на турското Министерство.