Ekipa
27 Март 2021•Ажурирај: 28 Март 2021
ЈАНГОН (АА) - Мјанмар денес ги виде најнасилните интервенции против продемократските протести, кога владејачкиот воен режим ја покажа својата сила на годишнината на Вооружените сили, јавува Агенција Анадолија (АА).
Воената хунта, во телевизиска порака синоќа, ги предупреди демонстрантите од ризикот да бидат застрелани во главата и грбот доколку продолжат со демонстрациите против пучот.
Демонстрантите денес се спротивставија на заканата на хунтата и излегоа на улиците во градовите низ целата земја, каде наидоа на насилната акција од страна на безбедносните сили.
Според јавувањата на медиумите, волонтерските групи и сведоците на убиствата, денес на протестите низ целата земја од безбедносните сили застрелани биле 140 лица.
„Myanmar Now“, водечки весник во земјата, објави дека ја потврдил смртта на 141 цивил во 44 градови, во осум од 15 региони во земјата.
Според весникот, во Јангон и Мандалај, двата најголеми града и најважните трговски центри во земјата, денес се застрелани најмногу демонстранти, 23, односно 29.
Меѓу убиените во Јангон е и 21-годишен полицаец, кој му се приклучил на движењето за граѓанска непослушност. Тој е застрелан во главата од безбедносните сили во гратчето Инсеин, соопшти лекар волонтер.
„Тој е застрелан во главата, и веќе беше мртов кога неговите придружници го донесоа кај нас“, изјави за Агенција Анадолија член на локалниот спасувачки тим, кој сакаше да остане анонимен.
Друга жртва е 14-годишно момче од квартот Мингалар Таунг Нјунт во Јангон, објави локалниот медиум „Кит Тит Медиа“.
Најмладата жртва на денешните насилства е седумгодишно дете кое е застрелано додека си играло на улица во близина на неговата куќа во предградието на Мандалај, Шве Бо.
На снимката споделена на социјалните мрежи се гледа како таткото на детето вика на цел глас - „Син ми умре, ова е мојот син што почина“ - додека го држеше безживотното тело.
Бројот на загинати се очекува да расте бидејќи интервенцијата на безбедносните сили сè уште трае.
Насилството над демонстрантите најостро го осудија странските дипломати кои одбија да присуствуваат на церемонијата на Денот на вооружените сили во административниот главен град Нејпјидо.
Мјанмарската Војска изврши воен удар на 1 февруари оваа година и ја презеде власта во земјата под изговор дека ноемвриските избори биле нерегуларни.
Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси челниците на Вадата, меѓу кои и лидерката на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи. Масовните протести против воениот удар започнаа на 6 февруари.
Обединетите нации, Европската Унија и голем број земји, меѓу кои и Турција, САД, Канада и Велика Британија, остро го осудија воениот удар во Мјанмар.