Ahmed Asmar
21 Февруари 2024•Ажурирај: 22 Февруари 2024
АНКАРА (АА) - Бројот на загинати Палестинци во смртоносната офанзива на Израел врз Појасот Газа која започна на 7 октомври се искачи на 29.313, соопшти денес Министерството за здравство во Газа, јавува Анадолу.
Министерството со седиште во Газа објави соопштение за смртоносните израелски напади врз Газа кои влегуваат во својот 138-ми ден.
Се наведува дека во нападите досега се повредени 69.333 лица.
Во соопштението се истакнува дека израелската Армија во изминатите 24 часа извршила 11 масакри низ Појасот Газа, во кои што загинале 118 лица, а 163 се повредени.
„Многу луѓе сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата, а спасувачите не можат да стигнат до нив“, се додава.
Израел започна напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас во октомври, во кој се верува дека се загинати речиси 1.200 Израелци.
Според податоците на Обединетите нации, поради израелските напади, 85 отсто од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60 отсто од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој со привремената одлука во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејствија и да преземе мерки со кои ја гарантира хуманитарната помош за цивилите во Газа.