Faruk Zorlu
02 Октомври 2022•Ажурирај: 04 Октомври 2022
АНКАРА/ДУАЛА (АА) – Демонстрантите ја нападнаа француската Амбасада во главниот град на Буркина Фасо по обвинувањата на водачот на државниот удар дека Франција му дала засолниште во воениот камп на сменетиот претседател, јавува Агенција Анадолија (АА).
На видеото што се споделува на социјалните медиуми се гледа како демонстрантите ја напаѓаат зградата на Амбасадата и како избива оган од внатрешноста на зградата.
„За Пол-Хенри Сандаого Дамиба, сега веќе поранешен претседател, беше речено дека бил засолнат во Француската воена база во Камбоинсин и дека планира да започне контраофанзива“, изјави вчера на националната телевизија хунтата која сега ја води капетан Ибрахим Траоре.
Демонстрантите го обвинуваат Дамиба за неуспех во решавање на несигурноста во земјата, и го обвинија за служба во интерес на Франција, поранешната колонијална сила.
Француската Влада ја негира вклученоста во најновите случувања.
„На Пол-Хенри Сандаого Дамиба никогаш не сме му посакале добредојде ниту во кампот каде што се стационирани француските сили, ниту во нашата амбасада“, соопшти Министерството за надворешни работи на Франција.
Доцна во петокот, група војници предводени од армискиот капетан Ибрахим Траоре го соборија Дамиба, ја распуштија преодната влада и го суспендираа Уставот.
Државниот удар во западноафриканската држава е втор по ред за помалку од една година, откако Дамиба ја презеде власта по соборувањето на поранешниот претседател Рох Каборе во јануари.