İnci Gündağ
09 Јуни 2017•Ажурирај: 09 Јуни 2017
ЛОНДОН (AA) - Откако се затворени гласачките места на вонредните парламентарни избори, првите излезни анкети покажуваат дека владејачката Конзервативна партија на Тереза Меј нема мнозинство од 326 пратеници во парламентот, јавува Anadolu Agency (AA).
Според резултатите на излезните анкети, Конзервативната партија обезбедила 314 пратенички места, а опозициската Лабуристичка партија 266.
Доколку овие резултати се покажат како точни, Конзервативната партија ќе мора да бара коалициски партнер.
Околу 47 милиони гласачи во Велика Британија, односно Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска, гласаа од 7 до 22 часот.
Во трка беа главните партии: Конзервативната партија на десниот центар, на чело со премиерката Тереза Меј и левичарската Лабуристичка партија која ја предводи Џереми Корбјн. По нив следат Либерално-демократска партија на левиот центар, потоа популистичката и евроскептична Партија на независноста на Велика Британија и левичарски ориентираната Зелена партија.
Новиот состав на парламентот се избира на максимално пет години, што значи дека наредните избори ќе мора да бидат одржани најдоцна до јуни 2022 година.
Парламентот на 13. јуни ќе се состане за да избере свој нов претседател, а тогаш и пратениците ќе положат заклетва.
На вонредните парламентарни избори учествуваа 68 политички партии, додека за местото во Долниот дом на парламентот, кој го сочинуваат 650 пратеници, се бореа 3.304 кандидати.