Ahmet Gürhan Kartal
10 Ноември 2020•Ажурирај: 11 Ноември 2020
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија го осуди протерувањето на двајцата британски дипломати од Белорусија, велејќи дека авторитарниот претседател Александар Лукашенко се обидува да го сокрие угнетувањето на сопствениот народ и денес возврати со иста мера, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Белорусија вчера двајцата британски дипломати ги прогласи за персона нон грата поради нивните наводни „деструктивни активности“.
Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, денес изјави дека дипломатите, меѓу кои и британски воен аташе, „легитимно ги набљудувале протестите“. Тој додаде дека нивото протерување било потполно неоправдано.
„Денес ги протеравме двајцата белоруски дипломати како одговор на неоправданото протерување на нашите дипломати“, објави Раб на Твитер.
Во Белорусија веќе три месеци владеат протести, од прогласувањето на Лукашенко за победник на спорните избори во август.
Велика Британија воведе санкции на Лукашенко и неговите сојузници по изборите и насилните акции против демонстрантите.
Раб го обвини Лукашенко за „усогласена кампања за вознемирување насочена кон активистите, медиумите и сега дипломати“.
„Наместо што се обидува да ги малтретира оние кои ја откриваат неговата репресија, господин Лукашенко мора да се согласи на слободни и фер избори и да овозможи одговорните за насилството над демонстрантите да одговараат“, истакна Раб.
Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, одбива дијалог со опозицијата, која како и поголемиот дел од меѓународната заедница ги оспорува резултатите од изборите.
Лукашенко според службените резултатите на Централна изборна комисија победи на изборите со 80,1 отсто од гласовите, додека неговата главна сопарничка Светлана Тикановскаја освои само 10,12 отсто од гласовите.