Ahmet Dursun
30 Септември 2024•Ажурирај: 01 Октомври 2024
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека американските и европските лидери им ветиле дека ќе прогласат прекин на огнот во Газа доколку Иран не одговори на атентатот врз претседателот на Политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, но тие не го одржале зборот, известува Анадолу.
Според иранската државна телевизија, Пезешкијан се обратил на состанокот на Советот на министри што се одржа синоќа.
Осврнувајќи се на агресијата на Израел во регионот и неговите западни поддржувачи, Пезешкијан рекол:
„Злосторствата на ционистичкиот режим се неприфатливи и нема да останат без одговор“.
Во своето обраќање пред министрите Пезешкијан истакнал:
„Целосно беа лаги тврдењата на водачите на САД и на европските земји, кои ветија прекин на огнот во замена Иран да не одговори на атентатот во кој беше убиен Ханије. Доколку им се даде шанса на ваквите криминалци, тоа не може да биде од помош за ништо, освен да ги охрабри да извршат уште повеќе злосторства“.
Додека изјавите на иранскиот претседател предизвикаа контроверзии во земјата, група луѓе синоќа се собраа пред зградата на иранскиот Врховен совет за национална безбедност и побараа одговор од властите за овие изјави.
Иран одлучи да му се одмазди на Израел за убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, во главниот град Техеран на 31 јули. Во меѓувреме, беа изнесени тврдења дека Техеран ќе се откаже од намерата да изврши напади во замена за трајно запирање на израелските напади врз Газа. Администрацијата на Техеран, од друга страна, имаше соопштено дека одделни прашања се одлуката Израел да се казни со напад поради заканата врз националниот суверенитет и напорите за прекин на огнот во Газа, но изразиле надеж дека тоа нема да му наштети на процесот за прекин на огнот.