Sümeyye Dilara Dinçer
22 Февруари 2021•Ажурирај: 23 Февруари 2021
АНКАРА
Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) повика на итно спасување на група бегалци од Аракан заробени на брод во Андаманското Море, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од УНХЦР се истакнува дека бродот со Араканците, што го напуштил градот Кокс Базар, во Бангладеш, пред 10 дена, поради дефект во моторот со денови е заглавен во морето.
Нагласувајќи дека спасувањето животи треба да биде приоритет, во соопштението се повикуваат сите владини претставници да преземат мерки за итно спасување на Араканците заглавени на бродот во Андаманското Море.
Меѓу другото, во соопштението се нагласува дека на бродот имало луѓе што ги загубиле животите во последните 24 часа поради дехидрираност и дека од пред неколку дена на бродот не останало вода и храна.
- Етничко чистење на муслиманите од Аракан
Муслиманите од Аракан со законот донесен во 1982 година ги изгубија правата за државјанство.
Во Мјанмар, во моментот официјално се признаваат 135 различни етнички групи. Радикалните будисти се спротивставуваат на признавањето на муслиманите од Аракан.
Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници луѓе беа масакрирани, од кои повеќето муслимани, а беа запалени стотици куќи и деловни простории.
Мјанмарската војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.
Податоците на Обединетите нации (ОН) покажуваат дека од август 2017 година, од притисоците и суровоста во Аракан, во соседен Бангладеш побегнале над 900 илјади луѓе.
Обединетите нации и меѓународните организации за човекови права го нарекоа етничко чистење или геноцид насилството врз араканските муслимани.