Beyza Binnur Dönmez
03 Март 2022•Ажурирај: 04 Март 2022
БРЕСТ (АА) – Во белорускиот град Брест започна втората рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Украинската делегација пристигна во текот на денот, додека руската делегација пристигна во градот вчера.
Владимир Медински, челникот на руската делегација, вчера за новинарите изјави дека разговорите ќе се фокусираат на „прашањата поврзани со прекинот на огнот и потребата од хуманитарен коридор“.
„Разговаравме за нашите ставови на нашиот претходен состанок. Русија изнесе низа иницијативи во врска со прекинот на огнот“, рече Медински.
Првата рунда преговори меѓу Русија и Украина се одржа во понеделникот, без конкретни резултати по разговорите кои траеја околу пет часа. По нив, двете страни се согласија да одржат втор круг преговори за да се постигне прекин на огнот.
Според украинските власти, над 2.000 цивили загинале откако Русија на 24 февруари започна војна против Украина, додека Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) проценува дека повеќе од 874.000 луѓе избегале во соседните земји.