Rania R.a. Abushamala
15 Април 2026•Ажурирај: 15 Април 2026
Во Високиот суд на правдата на Израел денес се одржува расправа по поднесената петиција со која се бара смена на министерот за национална безбедност од екстремната десница, Итамар Бен-Гвир, поради наводи за негово мешање во работата на израелската полиција, јавува Анадолу.
Поради страв од потенцијални немири во судницата, судиите одлучија расправата да се одржи без присуство на јавноста, но со директен пренос на постапката, јави дописникот на Анадолу.
Пред почетокот на расправата, десетици поддржувачи на Бен-Гвир се собраа пред зградата на судот, носејќи транспаренти со пораки: „Време е да му кажеме на Високиот суд: 'Доста е' и 'Стоп за судската диктатура'.“
Израелскиот министер за правда, Јарив Левин, пак, изјави дека Владата нема да почитува никаква одлука на Високиот суд со која би се наложило разрешување на Бен-Гвир, пренесе весникот „Тајмс оф Израел“.
Поднесувачите на петицијата бараат од премиерот Бенјамин Нетанјаху да го разреши Бен-Гвир поради наводите за негово „повторено и незаконско мешање во работата на полицијата, политизација на полициските именувања и директно мешање во полициските истраги“, наведуваат израелските медиуми.