Ikrame Imane Kouachi
04 Мај 2024•Ажурирај: 05 Мај 2024
БАНЏУЛ (АА) - Самитот на Организацијата за исламска соработка (ОИС) започна денес во Банџул, главниот град на Гамбија, известува Анадолу.
Се очекува на самитот да учествуваат 57 светски лидери на земјите членки на ОИС, информираше организаторот пред почетокот на самитот.
Туркија на самитот ја претставува шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан.
Самитот има за цел зајакнување на единството „во заедничкото решавање на 'жешките' предизвици со кои се соочува муслиманската заедница и ширење на соработката и солидарноста меѓу земјите-членки во постигнувањето заеднички цели кои се содржани во повелбата“.
Од ОИС наведоа дека самитот, исто така, има за цел „да ја прошири домашната економија и ревитализира малите и средни претпријатија.“
Дводневниот самит со централна тема „Јакнење на единството и солидарност низ дијалог за одржлив развој“, ќе се занимава со глобални прашања, особено со моменталната ситуација во Палестина и израелските напади на Појасот Газа, во кои се убиени повеќе од 34.000 луѓе.
Во текот на самитот, три клучни документи - нацрт на палестинската резолуција, нацрт изјавата од Банџул и нацрт завршниот документ - ќе бидат презентирани пред Советот на министри за надворешни работи, а потоа и на самитот на дискусија.