Sayed Khodaiberdi Sadat
04 Октомври 2021•Ажурирај: 05 Октомври 2021
КАБУЛ
Во главниот град на Авганистан, Кабул, дојде до судири меѓу талибанските сили и припадниците на терористичката организација ДЕАШ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Забихулах Муџахид, портпаролот на талибанците и „вршител на должноста заменик министер за култура“ на талибанската администрација, соопшти дека е спроведена операција против терористичката организација ДЕАШ во 17. Полициски област во Кабул.
Наведувајќи дека во операцијата е уништено засолниште на ДЕАШ, Муџахид рече дека се убиени терористите што се криеле во засолништето.
Очевидци тврдат дека синоќа се слушнале експлозии за време на судирот меѓу припадниците на ДЕАШ и талибанските сили во областа Хајирхане во Кабул.
Од друга страна, 5 лица го загубија животот во бомбашкиот напад што се случи вчера на влезот на џамијата Ид Гах во главниот град Кабул.
- Се зголемија нападите на ДЕАШ
Откако Талибанците го зазедоа Авганистан, терористичката организација ДЕАШ ги зголеми своите напади.
ДАЕШ својата најкрвава акција ја изврши на меѓународниот аеродром Хамид Карзаи во Кабул.
Најмалку 170 луѓе, од кои 13 американски војници, загинаа во терористичкиот напад на аеродромот на 27 август.
На 18 и 19 септември, 4 лица го загубија животот во бомбашките напади организирани од ДЕАШ во Џалалабад, познат како нивно упориште во Авганистан.
Талибанските претставници нагласија дека ДЕАШ не претставува голема закана за Авганистан и дека нема да им биде дозволено на терористичките организации да дејствуваат во земјата.