Alaattin Doğru
24 Март 2019•Ажурирај: 25 Март 2019
ДАКАР (АА) - Во напад извршен вчера врз село на етничката група Фулани во регионот Мопто, Мали, загинаа 134 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Локалните медиуми јавуваат дека напаѓачите облечени како ловци Донзо извршиле напад на селото Огосагу, во кое се ранети 55 лица.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и челникот на Африканската Унија, Муса Факи Махамат, објавија пораки со осуда на споменатиот напад.
Гутереш во пораката укажа на тоа дека во нападот настрадале жени и деца и од официјалните претставници на Мали побара итно покренување на истрага и приведување на одговорните пред лицето на правдата.
Факи Махамат на социјалната мрежа Твитер напиша дека е потресен од масакрот во регионот Мопти.
„Го осудувам овој подол чин“, напиша Махамат.
Припадниците на групата Донзо ги обвинуваат припадниците на етничката група Фулани за поддршка на милитантите поврзани со терористичките групи од северниот дел на земјата.
Етничката група Фулани, номадско-сточарски народ, кој живее во поголемиот дел во средишните делови на Мали, поради терористичките чинови до кои доаѓа во тој регион е цел на напади во последните неколку години.