Ekipa
21 Јануари 2020•Ажурирај: 22 Јануари 2020
ИДЛИБ (АА) - Руски воени авиони извршија нови воздушни напади во деескалациската зона во северозападна Сирија, во кои загинаа најмалку 12 цивили, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од сириската цивилна одбрана „Бели шлемови“ соопштија дека деветмина од жртвите се членови на исто семејство, од кои шест се деца во Кафр Таал во покраината Алепо.
Уште едно дете е убиено во селото Такад во Алепо, додека останатите двајца цивили загинале во нападите на селото Бара.
Турција упорно се залага за прекин на огнот во Идлиб, откако регионот претрпува неколкумесечни напади од силите лојални на режимот на Башар ал Асад и неговите сојузници, принудувајќи околу милион цивилни бегалци да се засолнат во подрачјата во близина на турската граница.
Турција и Русија во септември 2018 година постигнаа договор за претворање на Идлиб во деескалациска зона, во која строго се забранети акти на агресија.
Оттогаш, во нападите на режимот и руските сили загинаа над 1.300 цивили, поради продолжувањето со прекршување на примирјето.
Над еден милион Сиријци пребегаа во близина на турската граница поради интензивните напади во текот на минатата година.