Haydar Şahin
17 Мај 2022•Ажурирај: 18 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Поради високото ниво на загаденост на воздухот во Техеран, главниот град на Иран, затворени се сите училишта, универзитети и владини институции, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Абид Мелеки, заменик-градоначалникот на Техеран, даде изјави за нивото на загаденоста на воздухот во градот и за преземените мерки.
„Комисијата за итни случаи за загадувањето на воздухот се состана поради крајно нехигиенски услови. Во вторник загадувањето на воздухот ќе биде уште поголемо. Затоа, одлучено е да се затворат сите институции, универзитети и училишта за сите возрасни групи во Техеран“, нагласи Мелеки.
Језди Мехр, генералниот директор за управување со кризи во Техеран, осврнувајќи се на загадувањето рече: „Според Метеоролошкиот институт, во Техеран се појави портокалова ситуација. Го повикуваме народот на Техеран, особено ранливите групи, да не ги напуштаат своите домови денес и утре.“
- Техеран е меѓу првите 3 градови во светот според загаденоста на воздухот
Несоодветната локација на градот, густината на населението, како и издувните гасови од старите возила и мотоциклите се наведуваат меѓу факторите кои го зголемуваат загадувањето на воздухот во Техеран.
Во Техеран, за кој се вели дека е меѓу првите 3 градови во светот според загаденоста на воздухот, училиштата често се затвораат поради оваа причина.
Вредностите на честичките (PM10) утврдени во еден кубен метар воздух според индексот за квалитет на воздухот се наведени на следниов начин:
0-50 „чист воздух“ (зелена), 51-100 „средна“ (жолта), 101-150 „чувствителна“ (портокалова), 151-200 „нездрава“ (црвена), 201-300 „лоша“ (виолетова) и 301-500 „опасна“ (кафеава).