Ali H. M.Abo Rezeg
31 Март 2019•Ажурирај: 31 Март 2019
ТУНИС (АА) - Арапските лидери го отворија овогодишниот Самит на Арапската лига во главниот град на Тунис, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на отворањето на Самитот, саудискиот крал Сeлман истакна дека неговата земја ја отфрла одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за признавање на израелскиот суверенитет врз окупираната Голанска Висорамнина.
„Повторно го потврдуваме нашето недвосмислено отфрлање на нарушувањето на сирискиот суверенитет над Голанската висорамнина“, истакна тој.
Минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп потпиша претседателски декрет со кој официјално го призна како израелска територија подрачјето кое беше окупирано од Израел за време на Арапско-израелската војна во 1967 година.
Во однос на сириската криза, саудискиот монарх ја нагласи потребата за постигнување политичко решение кое „го гарантира суверенитетот на Сирија и спречувањето на каква било странска интервенција, во согласност со меѓународните резолуции“.
Во врска со палестинските територии, саудискиот крал рече дека палестинското прашање ќе остане главен приоритет за Кралството „додека палестинскиот народ не си ги поврати своите легитимни права“.
Тој се осврна и на кризата во Јемен, повторувајќи ја поддршката на Ријад за напорите на ОН кон постигнување политичко решение за петгодишните судири.
„Ја повикуваме меѓународната заедница да изврши притисок врз милициите на Хусите, поддржани од Иран, со цел да ги спречи нивните напади кои уште повеќе го зголемуваат страдањето на јеменскиот народ“, истакна тој.
„Агресивната политика на иранскиот режим претставува флагрантно кршење на сите меѓународни конвенции и норми. Меѓународната заедница треба да направи поголем притисок за да ја спречи иранската поддршка на тероризмот во светот“, додаде тој.
Тунискиот претседател Беџи Каид Есебси, пак, од своја страна, истакна дека тероризмот претставува „најголема закана за безбедноста и развојот во светот“.
„Неприфатливо е арапскиот регион и понатаму да биде зафатен од тензии и од тероризам“, рече тој. „Исто така е неприфатливо... да го втурнеме нашиот регион во регионални и меѓународни конфликти.“
Есебси нагласи дека Голанската Висорамнина е окупирана арапска територија, нешто што е признаено и од меѓународната заедница.
Само 13 арапски лидери присуствуваат на еднодневниот Самит на Арапската лига, меѓу кои и емирот на Катар, Тамим бин Хамад и египетскиот претседател Абдел-Фатах ал Сиси.
Други лидери кои присуствуваат на Самитот се шеикот Сабах ал Ахмед од Кувајт и кралот Абдула II од Јордан, како и лидерите на Ирак, Либан, Палестина, Јемен, Мавританија и Џибути.
Либија ја претставува челникот на Претседателскиот совет, Фајез ал Сарај.
На Самитот не присуствуваат осум лидери, меѓу кои суданскиот претседател Омар ал Башир, алжирскиот претседател Абделазиз Бутефлика, султанот на Оман, Кабус бин Саид и мароканскиот крал Мухамед VI.
Сирија нема да биде претставувана од ниту еден официјален претставник на Самитот, бидејќи членството во Арапската лига на земјата е замрзнато од 2011 година. На агендата на Самитот се очекува да се најде и неодамнешното ескалирање на состојбата од страна на Израел во Појасот Газа; тековните кризни состојби во Либија, Јемен и Судан; мешањето на Иран и борбата против тероризмот.