Gamze Türkoğlu Oğuz
23 Март 2019•Ажурирај: 25 Март 2019
АНКАРА (АА) - Во Франција, за време на протестите на „жолтите елеци“ што ќе се одржат викендов, безбедносните сили ќе добијат дозвола за „отворање оган“ во случај на опасност по нивниот живот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според информацијата на „Индепендент“ („Independent“), францускиот генерал Бруно Лерај, во изјавата дадена за радиото „Франс инфо“ („Franceinfo“) истакна дека Армијата, заради одржување на редот ќе ја поддржи 5.000-та полиција за време на протестите на „жолтите елеци“ во Париз, за викендот.
Лерај во однос на безбедносните сили рече: „Ако нивните животи или животите на лицата што ги штитат се во опасност, тие ќе можат да отворат оган“.
Француската полиција соопшти дека нема да дозволат утре „жолтите елеци“ да протестираат на Шанзелизе, и дека демонстрантите ќе се држат подалеку од улиците околу авенијата кај Триумфалната капија, Елисејската палата и Националниот парламент.
„Жолтите елеци“ во Франција, во саботата минатата недела, низ целата земја се појавија на улиците за да протестираат против политиките на управување на претседателот Емануел Макрон. Полицијата во Париз интервенираше со водени топови и солзавец врз демонстрантите.
Демонстрантите кои се собраа на авенијата „Шанзелизе“ во Париз, врз полицијата фрлаа со камења и шишиња, а исто така запалија неколку барикади и искршија прозорци на голем број продавници и ресторани, а потоа ги ограбија.
За време на протестите избувна пожар во банка на приземјето на една зграда на авенијата „Шанзелизе“. Во пламенот кој се прошири на горните катови, лесно беа повредени 11 лица, од кои двајца полицајци.
На протестите одржани минатата недела беа приведени 192 лица, а беа повредени 42 лица, од кои 17 полицајци.
- 11 луѓе загинаа во протестите во Франција
Протестите на „жолтите елеци“ во Франција што започнаа во знак на протест против спорните даноци за гориво и поради влошената економска ситуација во земјата, а подоцна продолжија како демонстрации против владеењето на францускиот претседател Емануел Макрон, веќе го навршуваат 4-от месец.
Според бројките од Владата, во протестите досега загинаа најмалку 11 лица, околу 8.400 беа притворени, над 2.000 беа повредени, а околу 2.000 лица добија казна затвор.