Muhammet Kurşun
07 Јануари 2020•Ажурирај: 08 Јануари 2020
АНКАРА
За време на погребната церемонија на Касим Сулејмани во иранскиот град Керман настана човечко стампедо во кое животот го загубија 40 лица, а 213 се повредени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пир Хусеин Куливент, претседател на Иранската брза помош за Мароканската новинска агенција изјави дека за време на погребната церемонија на Сулејмани од човечко стампедо животот го загубиле 40 лица, а 213 се повредени.
Причина за големиот број загинати во човечкото стампедо е што гробиштата на кои требало да биде погребан Сулејмани се наоѓаат на падините на планината крај Керман, а дел од Иранците се обиделе да се искачат на повисоките места од падината.
Погребот е одложен поради големиот број смртни случаи и преместен е за некој друг посоодветен датум.
Генерал Касим Сулејмани, кој беше шеф на елитната единица „Кудс“ на Револуционерната гарда на Ирак, е убиен во нападот што американските сили со дрон го извршија во близина на аеродромот во Багдад.
Неговата смрт ја обележа драматичната ескалација во односите меѓу САД и Иран, што е присутна откако американскиот претседател, Доналд Трамп, во 2018 година одлучи еднострано да го повлече Вашингтон од нуклеарниот договор склучен во 2015 година со Техеран.
Врховниот лидер на Иран, Али Хаменеи, кој минатата година му ја подари најголемата чест на Сулејмани, вети „сериозна одмазда“ како одговор на неговото убиство.
Пентагон го обвини Сулејмани за заговор за претходниот напад на Амбасадата во Ирак и дека планирал да изврши дополнителни напади врз американските дипломати и членови на службата во Ирак и во регионот.