Zehra Ulucak
17 Јули 2019•Ажурирај: 21 Јули 2019
АНКАРА
Меѓународната Федерација на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC) соопшти дека во Јужна Азија околу 6 милиони луѓе се соочуваат со опасност од поплави поради поројните монсунски дождови, пренесува Anadolu Agency (AA).
Меѓународната Федерација на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина соопшти дека постои можност бројот на лица погодени од поплавите во Бангладеш, Индија и Непал да биде зголемен и дека се загрижени од потенцијалниот недостиг на храна и појавата на епидемии.
Во изјавата се истакнува дека во Јужна Азија поројните монсунски дождови и поплави секоја година се причина за голем број смртни случаи и миграции и дека зголемувањето на поплавите во регионот е закана за околу 6 милиони луѓе.
Во соопштението, исто така, се истакнува дека во индиската провинција Асам како резултат на прелевање на реката Брамапутра поплавени се 749 села, а повеќе од 1 милион луѓе се раселени.
Според соопштението, во Непал, поради поплавите предизвикани од обилните дождови, некои региони се преплавени, а тимовите за интервенција не можат да обезбедат пристап до поплавените региони.
- Повеќе од 11.000 домови се оштетени
„Во Бангладеш, поради ефективните врнежи во последниве недели, во Кокс Базар е утврдено повеќе од 200 лизгања на земјиштето“, се вели во соопштението и се додава дека поради дождовите 14.000 лица биле принудени да ги напуштат своите домови и дека повеќе од 11 илјади домови се оштетени.
Ксавиер Кастеланос, регионалниот директор на ИФРЦ за Азиско-пацифичкиот Регион, истакна дека секојдневно има зголемување на бројот на раселените лица и бројот на лицата што ги загубиле своите животи.
Наведувајќи дека многу области се отсечени поради зголемувањето на нивото на водата, Кастеланос рече дека оваа состојба го зголемува ризикот од глад и болести.
- 960 илјади луѓе погодени од катастрофата
Според неделниот извештај на Центарот за катастрофи „Пацифик“ (PDC), во Бангладеш 19 лица ги загубиле своите животи поради големите поплави предизвикани од монсунските дождови и лизгањето на земјиштето, а 18 лица починале како резултат на удар од молња.
Според истиот извештај, околу 960.000 лица се погодени од катастрофата.
На исток и североисточно од Индија, поради поројните дождови во изминатите денови загинаа 67 лица.
Во Непал, бројот на луѓето што ги загубија своите животи во поплавите и лизгањето на земјиштето предизвикано од обилните дождови се зголеми на 78.