Şahin Demir
30 Април 2026•Ажурирај: 30 Април 2026
Иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи денес изјави дека иднината на Персискиот Залив ќе биде „без присуство на САД“, нагласувајќи дека новите правни и административни механизми за Ормускиот Теснец ќе донесат стабилност и економски придобивки за регионот, јавува Анадолу.
Во писмената изјава објавена од неговиот Кабинет по повод Националниот ден на Персискиот Залив, Моџтаба Хамнеи наведе дека присуството на странските сили, особено на Соединетите Американски Држави, е извор на нестабилност во регионот, додавајќи дека „се појавува нова фаза“.
Тој истакна дека Персискиот Залив е клучен дел од регионалниот идентитет и глобалната економска поврзаност, особено преку Ормускиот Теснец и Оманското Море.
Хамнеи изјави дека Иран ќе ја осигури безбедноста во Персискиот Залив преку она што го опиша како ново управување со Ормускиот Теснец, вклучително и ажурирани правни рамки.
„Овие рамки ќе донесат стабилност, напредок и економски придобивки за сите нации во регионот“, додаде тој.
Врховниот лидер порача дека регионалните земји споделуваат заедничка судбина во Перискиот Залив и дека за надворешните актери „оддалечени илјадници километри“ нема место во неговата иднина.
Во пораката, исто така, се упатува на тоа што беше опишано како „нов регионален поредок“ што произлегува од неодамнешните случувања.
Писмената изјава доаѓа во време на зголемени тензии по војната што започна на 28 февруари меѓу Иран и Соединетите Американски Држави и Израел, што го наруши поморскиот сообраќај и протокот на енергенти низ Ормускиот Теснец.
Прекинот на огнот објавен на 8 април досега се почитува, додека дипломатските напори продолжуваат со цел да се постигне сеопфатен договор, вклучително и дискусиите за поморскиот пристап и безбедноста во Ормускиот Теснец.
Иран го прогласи 30 април за Национален ден на Персискиот Залив во 2005 година, во знак на сеќавање на протерувањето на португалските сили од Ормускиот Теснец за време на ерата на Сафавидите.
Моџтаба Хамнеи беше избран за врховен водач на 9 март, по убиството на неговиот татко, Али Хамнеи, во американско-израелските напади на 28 февруари. Откако ја презеде функцијата, тој комуницира исклучително преку писмени соопштенија.