Moustafa Maged Haboosh,Zeynep Hilal Karyağdı
08 Мај 2019•Ажурирај: 12 Мај 2019
ГАЗА (АА) - МУСТАФА ХАБУС -
Молк, тага и крици на ожалостените Палестинци се доминантите глетки од уништените улици на Газа, која изминатиот викенд беше средиште на израелските артилериски и воздушни напади, јавува Anadolu Agency (AA).
Една од целите на воздушните напади на израелските сили беше и зграда во местото Шеик Зајид во Беит Лахија, во која се убиени седум лица, вклучувајќи и четиримесечно бебе.
Цивилната заштита од под урнатините извлекуваше тела на загинатите, вклучувајќи го и бебето Маиј ал Хазали и неговите родители Иман (30) и Ахмед (31).
Постариот брат на убиениот Ахмед, Махмуд ал Газали, за АА изјави дека не може со зборови да се опише тагата која ја чувствува, откако настрадало тричленото семејство.
„Мирно живееја во овој крај, бидејќи нема воени точки и не постоеше закана дека ќе дојде до вакви напади. Мојот брат никогаш немаше допир со војската. Во неделата ми се јави комшијата и ми рече дека е погодена зградата во која живее мојот брат. Веднаш дојдов и сè уште сум во шок“, изјави Ал Газали.
Истакнувајќи дека со неверување гледал во урнатите згради во квартот, Ал Газали изјави дека се приклучил на локалните спасувачки екипи и помагал во извлекувањето на настраданите лица од под урнатините.
„Така дознав за погибијата на брат ми и неговото семејство. Пред две години се ожени, неодамна доби бебе и имаше големи соништа. Сето тоа згасна откако се случи ова, кое претставува злосторство од најтежок вид“, изјави Ал Газали.
Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да стави крај на пасивното набљудување на страдањето на палестинскиот народ во Газа и да обезбеди слобода и човекови права.
Жителот на Газа кој беше ранет во саботните израелски напади, Мухамед Муса, за АА изјави дека седел со друштвото во квартот во моментот кога се чул големиот удар.
„Тоа беше како ерупција на вулкан, бидејќи буквално од небото паѓаа камења по нас. Густиот црн чад беше насекаде околу нас. Почувствував голема болка и изгубив свест“, изјави Муса.
Муса потоа се разбудил во урнатините и бил пренесен во болница, каде што му била укажана лекарска помош.
Во израелските напади на Газа минатиот викенд беа убиени најмалку 25 Палестинци, меѓу кои беа две трудници и две бебиња. Ранети се најмалку 150 лица и урнати се стотици станбени единици.
Како последица на ракетите истрелани од Газа врз Израел загинаа четири лица, меѓу кои и еден Палестинец.
Со посредство на Египет и Обединетите нации, Израел и палестинските групи во понеделникот изутрина договорија примирје.