Zehra Ulucak
05 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
ЕЛ РОДЕО (АА) Најмалку 69 лица загинаа, а 300 се повредени во ерупцијата на вулканот Фуего кој веќе трет ден во Гватемала исфрла вжарена лава и пепел, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на Институтот за форензика во Гватемала, Фануел Гарсија, соопшти дека се идентификувани 17 загинати и дека надлежните тимови работат на идентификување на преостанатите тела на жртвите.
„Процесот на идентификација е многу тежок бидејќи во повеќето случаи телата се изгорени, нема отпечатоци од прстите, а лицата се непрепознатливи. Ќе мора да го правиме тоа со посложени методи. Најверојатно ќе ни требаат примероци на ДНК од роднините“, рече Гарсија.
Вулканот се наоѓа на само 40 километри од главниот град, а вжарената лава го запали селото Ел Родео. Претседателот на Гватемала, Џими Моралес, го посети местото на несреќата, а токму во тие моменти спасувачките екипи со хеликоптери спасија неколку десетици мештани заробени во реката од лава.
Во кругот околу вулканот евакуирани се најмалку 3.200 мештани, а од Цивилната заштита на Гватемала јавуваат дека со ерупцијата се загрозени скоро 1,7 милиони луѓе.