Oliver Towfigh Nia
27 Август 2026•Ажурирано: 27 Август 2026
Околу 15.800 лица во Германија починале од причини поврзани со топлината оваа година, што е значително повеќе отколку во која било од изминатите 10 години, според процените објавени денес од Институтот „Роберт Кох“ со седиште во Берлин, јавува Анадолу.
Од овие смртни случаи, 9.600 се припишуваат на екстремните горештини кон крајот на јуни, според најновиот неделен извештај на Институтот, кој е национално јавно здравствено тело на Германија. Уште 4.000 смртни случаи се поврзани со особено високите температури во првите две недели од август.
Извештајот го опфаќа периодот од 6 април до 16 август.
Институтот регистрирал 9.500 смртни случаи поврзани со топлината во 2018 година и 7.600 во 2019 година. Податоците за последните години донекаде се разликуваат во споредба со претходните податоци на Институтот. Според портпаролката, тоа е затоа што процените се пресметуваат повторно секој месец, вклучително и за претходните години.
- Бројот на смртни случаи може да биде уште поголем -
Според Институтот, станува збор за конзервативни процени, што значи дека вкупниот број смртни случаи поврзани со топлината оваа година би можел да биде уште поголем.
Уве Јансенс, медицински директор на Германското интердисциплинарно здружение за интензивна нега и итна медицинска помош, неодамна изјави дека многу случаи не се евидентираат како поврзани со топлината бидејќи во потврдите за смрт се наведуваат причини како што е откажување на органите.
Во некои случаи, како што е топлотниот удар, изложеноста на топлина директно доведува до смрт, според Институтот. Меѓутоа, во повеќето случаи, луѓето умираат како резултат на комбинација од топлина и претходно постоечки здравствени состојби.
- Најпогодени постарите лица -
Според Институтот, повеќе од половина од овогодишните смртни случаи поврзани со топлината, односно околу 7.960, се случиле кај лица на возраст од 85 години и повеќе. Околу 3.900 лица починале на возраст меѓу 75 и 84 години, додека околу 2.440 биле на возраст од 65 до 74 години, а 1.470 биле помлади од 65 години.
Генерално, повеќе жени отколку мажи починале од причини поврзани со топлината, но тоа се должи на фактот што жените сочинуваат поголем дел од постарата популација.