Ayhan Şimşek
20 Ноември 2019•Ажурирај: 21 Ноември 2019
БЕРЛИН (АА) - Германија денеска предложи фомирање комисија од експерти на високо ниво за да се оспособи НАТО да одговори на новите предизвици и да се спречи поделбата во Алијансата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи на прес-конференцијата во Берлин изјави дека министерот за надворешни работи, Хеико Мас, денеска ќе го претстави неговиот предлог за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
„Предлогот предвидува воспоставување комисија на експерти под раководство на генералниот секретар на НАТО“, изјави Рајнер Бројл, додавајќи дека таквата комисија може да иницира стратешка дебата за новите предизвици, да развие нови концепти и политики за НАТО и да помогне во враќање на довербата во Алијансата.
Иницијативата на Германија дојде откако францускиот претседател Емануел Макрон пројави сомнежи за идната одржливотст на НАТО и изјави дека верува оти Алијансата е во процес на „смрт на мозокот“.