Ayhan Şimşek
26 Јули 2018•Ажурирај: 28 Јули 2018
ФРАНКФУРТ (АА) - Германските резервации за одмор во Турција ова лето речиси двојно се зголемија во однос на минатогодишните бројки, велат германските туроператори за АА, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во 2018 година го гледаме враќањето на Турција“, изјави портпаролката на „German Travel Association’s“ (DRV), Керстин Хајнен, додавајќи дека резервациите и приходите од продажбата за лето 2018 година се речиси двојно зголемени.
Рекордни 5,5 милиони германски туристи ја посетија Турција во 2015 година, но нивната бројка се намали на 3,9 милиони во 2016 година, па на 3,5 милиони во 2017 година, во голема мера поради политичките тензии помеѓу Анкара и Берлин и конфликтите во соседните земји на Турција.
Хајнен нагласи дека оваа година Турција повторно станала една од најпопуларните туристички дестинации за германските патници.
„Но и покрај импресивната бројка, највисоката бројка од 2015 година сè уште не е достигната“, нагласи таа.
Најголемиот европски туристички оператор „TUI Group“, исто така, забележа значително зголемување на летните резервации за 2018 година во Турција.
„Турција повторно стана една од најпопуларните туристички дестинации за германските туристи и моментално се наоѓа на 3. место“, изјави портпаролката на TUI, Сузане Стункел.
Германските туристички оператори го поздравија потегот на Турција за укинување на двегодишната вонредна состојба, но нагласија дека тоа нема да има моментален ефект на овие бројки, бидејќи главната сезона веќе е во тек.
Претседателот на Европското здружение на турски туристички агенции (ATURSAB), Ѓунер Кизил, изјави дека завршувањето на вонредната состојба веројатно ќе има позитивно влијание врз бројките во престојните месеци.
„Верувам дека ќе угостиме повеќе туристи од Германија оваа година, блиску до бројката постигната во 2015 година“, вели тој за АА.
Минатата недела, германското Министерство за надворешни работи ги повлече своите препораки за патувањата во Турција и нагласи дека вонредната состојба во таа земја е укината.
Турската Влада за прв пат на 20 јули 2016 година, по неуспешниот обид за државен удар, прогласи вонредна состојба во земјата.
Политичките односи меѓу Анкара и Берлин претрпеа одредено назадување во изминатите две години, но двете страни презедоа чекори изминатите месеци за нормализирање на односите.
Германија останува главен економски и трговски партнер на Турција и покрај политичките несогласувања меѓу владите за голем број прашања. Во 2017 година, меѓусебната трговска размена достигна 37,6 милијарди евра (44,04 милијарди долари).