Gökhan Ergöçün
10 Декември 2019•Ажурирај: 12 Декември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 174 општини глобално оваа година беа изложени на напади на компјутерскиот вирус „Ransomware“, соопшти денес компанијата за кибербезбедност „Касперски“ (Kaspersky), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Просечниот износ на откупната сума којашто се бара со вирусот изнесувала над 1 милион долари, додека највисокиот побаран откуп бил 5,3 милиони долари, велат од компанијата.
„Ransomware“ е вид компјутерски вирус кој ги заклучува или ограничува компјутерските хард-дискови сѐ додека не се исплати одредена сума (откуп) на илегална организација.
Од компанијата „Касперски“ велат дека овие напади долгорочно ќе изнудат многу поголеми трошоци отколку досегашните цифри.
„Кога еден град е под напад [на овој вирус], потребно е да се спроведе истрага и ова додава дополнителни трошоци“, вели Федор Синитсјин, безбедносен експерт од „Касперски“.
Бројот на напади врз општини и подрачни институции оваа година порасна за 60 отсто во однос на претходната година.
Нападите на вирусот „Ransomware“ дејствуваат врз финансиската структура на општините и врз општествениот живот на луѓето со прекинувањето на општинските услуги.
„Плаќањето на криминалци е краткорочно решение што им дава финансиска корист и ги охрабрува повторно да бараат пари“, истакна Синитсјин.