Darren Lyn
16 Септември 2026•Ажурирано: 16 Септември 2026
Градоначалникот на Њујорк, Зоран Мамдани, е на чело на најнаселениот град во САД повеќе од осум и пол месеци, но сè уште нема добиено федерален безбедносен сертификат, јавија медиумите, пренесува Анадолу.
Мамдани изјави дека долгото одложување на неговиот безбедносен сертификат „ја ограничува неговата можност да биде информиран за доверливи информации поврзани со тероризам или други закани за Њујорк“, град со речиси 8,5 милиони жители.
Сепак, тој на прес-конференција им рече на новинарите дека ова претставува „вообичаен временски рок“ за одобрување.
„Процесот за добивање на мојот федерален безбедносен сертификат е во тек“, рече Мамдани. „Голем број високи функционери на администрацијата во моментов поседуваат безбедносен сертификат. Полицијата на Њујорк исто така редовно ме информира за разузнавачки истраги кои не вклучуваат доверливи информации од федерално ниво, и ние ќе продолжиме понатаму.“
Мамдани не е првиот градоначалник на Њујорк што се соочил со проблеми околу безбедносниот сертификат од федералната влада.
На поранешниот градоначалник Бил де Блазио исто така не му бил даден федерален сертификат од високо ниво во периодот кога го водел градот, почнувајќи од 2014 година, според весникот „Њујорк пост“; весникот додава дека Де Блазио воопшто не ни поднел барање за таков сертификат во почетниот дел од својот прв мандат. На федералните власти им требало нешто повеќе од една година за да ја спроведат проверката и да му го издадат целосниот безбедносен сертификат.
На поранешниот градоначалник на Њујорк, Ерик Адамс, му беше одземен безбедносниот сертификат откако стана првиот актуелен градоначалник против кого е подигнато федерално кривично обвинение во 2024 година.
Експертите велат дека процесот на проверка за федерален безбедносен сертификат, што го спроведува ФБИ, може да трае и до една година за лице што го започнува својот прв мандат на јавна функција, како што е случајот со Мамдани.
Веста за тоа дека Мамдани сè уште нема безбедносен сертификат од национално ниво доаѓа во време кога во Њујорк се одржува 81-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, при што се очекува посета на многу странски високи претставници на градот.
Според експертите, неможноста на Мамдани да добива целосни информации со степен на доверливост од федералната влада „би можела да му ги врзе рацете на градоначалникот, потенцијално одложувајќи ја официјалната реакција во итна ситуација“.