Davit Kachkachishvili
04 Август 2023•Ажурирај: 05 Август 2023
ТБИЛИСИ (АА) - Две лица ги загубија животите во свлечиштето што се случи во грузиското одморалиште Шови, пренесува Анадолу.
Во писменото соопштение што го објави Министерството за внатрешни работи на Грузија се наведува дека по одронот на земјиште што се случи вчера во туристичкиот град Шови, сместен во регионот Рача-Лечхуми и Долна Сванетија, операциите за пребарување и спасување се спроведуваат со помош на хеликоптери.
Во соопштението е објавен податок дека во зоната на катастрофата се пронајдени безживотните тела на две лица, додавајќи дека досега на безбедни места се пренесени 140 лица.
Министерот за регионален развој и инфраструктура на Грузија, Иракли Карселадзе, соопшти дека нема трага за 50 лица за кои се знае дека се наоѓале во зоната на катастрофата, а подоцна информираше дека е контактирано со шестмина од нив.
Во местото Шови може да се стигне само со хеликоптер бидејќи патиштата и мостовите се оштетени од поплавите и свлечиштата.
И грузискиот премиер Иракли Гарибашвили го посети подрачјето зафатено од катастрофата.