Tufan Aktaş,Addis Getachew Tadesse
31 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
АДИС АБЕБА (АА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вчера ги коментираше тврдењата дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира да го намали американскиот финансиски придонес за повеќе агенции на ОН и за меѓународни организации, и истакна дека е многу загрижен поради таквите намери, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тоа навистина е причина за загриженост. И покрај тоа, одлучни сме со американските официјални лица да развиеме силни врски за да продолжиме со соработката на темелите на довербата“, изјави Гутереш за новинарите за време на Самитот на Африканската унија во главниот град на Етиопија, Адис Абеба.
Тој истакна дека веќе е разговрано за овие прашања и со новиот амбасадор на САД при ОН.
„Се надевам дека ОН ќе продолжи по својот пат без драматични промени“, изјави генералниот секретар на ОН.
Според „Њујорк тајмс“, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува две уредби со кои се предвидува намалување, па дури и укинување на американскиот финансиски придонес за повеќе агенции на ОН и за меѓународни организации, како и ревизија на повеќе договори.
Првите документи наводно вклучуваат воспоставување одбор чија задача ќе биде да се анализира до која мера треба да се скрати придонесот за секоја од организациите.
Документот најмногу се фокусира на намалување на придонесот за мировни операции, Меѓународниот кривичен суд и помошта за земјите, како што се наведува, кои се спротивставуваат на важните одлуки на САД, како и фондот на ОН за населението.