Elena Teslova
27 Октомври 2026•Ажурирано: 27 Октомври 2026
Најмалку две лица загинаа, а 15 се повредени во ноќните напади, соопштија денес претставници на Русија и Украина, јавува Анадолу.
Едно лице загина кога патнички автобус што сообраќал на релација Симферопол – Москва беше погоден во украински напад со беспилотно летало во делот од украинската Запорошка Област под руска контрола, соопшти гувернерот назначен од Москва.
„Патнички автобус што сообраќаше на релацијата Симферопол – Москва беше погоден во непријателски напад со беспилотно летлао. Во автобусот имаше 31 лице, а едно лице загина. Нападот се случи во близина на градот Приморск. Сите повредени се пренесени во болница“, напиша Евгениј Балицки на руската социјална мрежа Макс.
Тој рече дека на патниците на кои не им била потребна болничка нега им биле обезбедени храна и сместување.
„Во директен контакт сум со службите за итни случаи“, додаде тој.
Во меѓувреме, Државната служба за вонредни ситуации на Украина соопшти дека едно лице загинало, а 15 биле повредени во руските напади врз главниот град Киев.
Руското Министерство за одбрана одделно соопшти дека неговите сили извршиле масовен ноќен напад со високопрецизно оружје лансирано од копно и со беспилотни летала врз претпријатија од украинската одбранбена индустрија и транспортната инфраструктура во Киев, логистички центар во Харковската Област и пловни објекти што се користат во интерес на украинските сили.
Според Министерството, меѓу целите во Киев биле индустриско претпријатие за производство и складирање дронови со долг и среден дострел, како и работилница за склопување беспилотни летала на компанијата „Оуклајн“. Министерството тврдеше дека таму се произведуваат и складираат дроновите ФП-1 и ФП-2 со долг и среден дострел на компанијата „Фајр поинт“.
Министерството соопшти и дека погодило работилница за склопување беспилотни летала и патно-железничкиот мост Јужни, за кој тврдеше дека се користи за транспорт на воен товар по пат и железница.
Во Харковската Област, според Министерството, бил погоден терминал за истовар и царинење на компанијата „Регионал логистикс центар“, за кој се тврди дека се користи за складирање и дистрибуција на резерви и стоки со двојна намена за украинските сили, како и на извидувачки и нападни дронови.
Министерството, исто така, тврдеше дека на море бил погоден брод за сув товар што превезувал резерви за украинските сили кон пристаништето Черноморск во украинската Одеска Област.
Руската противвоздушна одбрана во текот на ноќта пресретнала и уништила 222 украински беспилотни летала со фиксни крила над 15 руски региони, соопшти Министерството.
Тврдењата на двете страни не можеа да бидат независно потврдени.