Ahmet Gürhan Kartal
31 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
ГЛАЗГОВ (АА) - Конференцијата на Обединетите нации (ОН) за климатски промени, позната како КОП26 (COP26), започнува денес во Глазгов, Шкотска, со нови заложби што се очекува да бидат објавени во борбата против климатските промени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Главната цел на самитот, на кој учествуваат околу 25.000 делегати од 200 земји, ќе биде да се задржи глобалното затоплување под 1,5 степени Целзиусови, преземајќи брза и конкретна акција, како и финансирање на овие чекори.
Самитот ќе биде првиот што ќе го оцени прогресот во борбата против климатската криза, на која сега се гледа како најголемиот предизвик на светот, почнувајќи од Парискиот договор за климатски промени од 2015 година, кој наложува редуцирање на емисиите на јаглерод диоксид.
Првата цел на самитот, кој ќе заврши на 12 ноември, е да обезбеди нето нулта емисии на јаглерод диоксид на глобално ниво до средината на векот и да го постигне глобалното затоплување од 1,5 степени Целзиусови.
Од државите се бара „да излезат со амбициозни цели за намалување на емисиите до 2030 година што е во согласност со постигнувањето нето нула до средината на векот“.
Другата цел на самитот е „да се работи заедно за да се овозможат и да се охрабрат земјите погодени од климатските промени да ги заштитат и обноват екосистемите и да изградат одбранбени и системи за предупредување и силна инфраструктура и агрикултура за да го избегнат губењето на своите домови, средства за живот, дури и животи“.
Мобилизирањето на финансиите и работење заедно за да се постигнат целите се другите две цели на КОП26.
КОП26 очекува поголеми чекори од државите кои придонесуваат најмногу за присуството на емисиите на глобално ниво: Кина, Индија, Русија, Индонезија, Јапонија, Бразил, Иран и Канада.
Моменталните стратегии во светот можат да постигнат само 20 проценти намалување на емисиите на глобално ниво до 2030, според Меѓународната агенција за енергија.
Во меѓувреме, податоците од Програмата за животна средина на ОН (UNEP) сугерираат дека постои ризик од зголемување на глобалната температура за 2,7 степени Целзиусови до крајот на векот според сегашните стратегии.
Целта на Парискиот договор е да се ограничи глобалното затоплување на „под 2, по можност 1,5 степени Целзиусови, споредбено со преиндустриските нивоа“.
„За да се постигне долгорочната температурна цел, државите имаат за цел да го достигнат ограничувањето на растот на емисиите на стакленички гасови што е можно побрзо за да постигнат климатски неутрален свет до средината на векот“.
- Последната надеж -
„Светот мора да делува сега за да го задржи степенот од 1,5“, рече претседателот Алок Шарма во воведниот говор.
„Пред шест години, во Париз, ние се согласивме за нашите заеднички цели. КОП26 е нашата последна најдобра надеж да го задржиме 1,5 степен на дофат“, додаде тој.
Шарма кажа: „Јас верувам дека ние можеме да ги придвижиме преговорите напред и да започнеме декада на постојано зголемување на амбицијата и акцијата..., но мораме да започнеме што е можно побрзо.“
„Ако дејствуваме сега и ако дејствуваме заедно, ќе можеме да го одржиме нашето ветување и да го осигураме дека она што е ветено во Париз, Глазгов ќе го испорача.“