Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu
30 Јануари 2020•Ажурирај: 31 Јануари 2020
ИДЛИБ (АА) - Десет цивили загинаа, а 37 цивили се повредени во нападите на руските авиони врз болница и пекарница во областа Ериха на југот на Идлиб, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според опозициската Опсерваторија, руските борбени авиони синоќа нападнале голем број области во градот Ериха во Идлиб.
Меѓу целите се и една болница и пекарница.
Според информациите добиени од изворите на Цивилната одбрана (Белите шлемови), 10 цивили ги загубиле животите, од кои 4 во болницата, а 37 цивили се повредени.
Болницата во Ериха, која беше цел на нападите, не може да се користи.
Тимовите за цивилна одбрана ги продолжуваат активностите за пребарување и спасување, додека повредените се упатени на лекување во околните болници.
Постои загриженост поради можноста од зголемување на бројот на загинати.
Градот Идлиб, во северозападниот дел на Сирија, речиси од почетокот на граѓанската војна во земјата се наоѓа под контрола на опозицијата и антирежимските вооружени групи.
Со внатрешната миграција, популацијата на Идлиб достигна до 4 милиони жители. Идлиб се наоѓа на врвот на местата кои се најинтензивно под напади од страна на сирискиот режим.
На состанокот во Астана на 4-5 мај 2017 година, од страна на Турција, Русија и Иран, беа формирани четири деескалациони зони.
Но, режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациони зони, со исклучок на Идлиб.
Стотици илјади цивили, што избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.
Исто така, нападите продолжија извесно време и по договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година од страна на Русија и Турција. Над 1.600 цивили загинаа како резултат на бомбардирањата.
Русија, режимот, како и терористите поддржани од Иран што изведуваат напади во деескалационата зона во Идлиб, само од почетокот на 2019 година досега се причина за раселувањето на околу 1 милион и 300 илјади цивили кон местата во близина на границата со Турција.