Tevfik Durul
30 Септември 2019•Ажурирај: 02 Октомври 2019
АНКАРА
Тевфик ДУРУЛ
До 2050 година се очекува секое шесто лице на Земјата да биде на возраст од 65 години и повеќе. Во таква ситуација се претпоставува дека моменталната бројка од 143 милиони лица на возраст од 80 години и повеќе, во 2050 година би се зголемила на 426 милиони, пишува Anadolu Agency (AA).
Со одлуката на Обединетите нации (ОН), донесена во 1990 година, секоја година на 1 октомври во светот се организираат активности со цел кај поединците да се подигне свеста за здравствената состојба на старите лица и подигнување на здравствениот и социјалниот животен стандард на старите лица.

Според извештајот под наслов „Ревизија 2019: Очекувања за светската популација“, до 2050 година секое шесто лице би било на возраст од 65 години и повеќе. Од аспект на популацијата во Европа и Америка, до 2050 година се очекува секое четврто лице да биде на возраст од 65 години и повеќ.
Од друга страна, заклучно со 2018 година, за првпат лицата на возраст од 65 години и повеќе на светско ниво ја надминаа бројката на децата под петгодишна возраст. Според проценките, се очекува во 2050 година, бројката на лица на возраст од 65 и повеќе години да биде двојно поголема од децата на возраст под 5 години.
Според моменталната состојба, се претпоставува дека бројката од 143 милиони старци на возраст од 80 години и повеќе, во 2050 година би се зголемила тројно и би достигнала вредност од 426 милиони.
- Бројката на стари лица е 680 милиони
Во моментов на Земјата живеат околу 7,2 милијарди луѓе. Од оваа бројка, 680 милиони се лица на возраст од 65 години и повеќе.
Од вкупната светска популација, 59,6% живеат во Азија, 16,9% во Африка, 9,7% во Европа, 8,5% во Латинска Америка и на Карибите, додека преостанатите 5,3% живеат во Северна Америка и Океанија.
На светско ниво бројката на мажи е нешто поголема од жените и како сооднос, на секои 100 жени живеат 102 мажи. Според животниот век, мажите во просек живеат 70, а жените 74 години.
Кај развиените земји луѓето на возраст од 10 до 24 години сочинуваат 16% од населението, од 15 до 64 - 65%, додека лицата на возраст од 65 и повеќе години претставуваат 18% од населението.
Доколку истото го погледнеме кај малку развиените земји, се забележува дека кај нив населението на возраст од 10 до 24 години претставува 28% од популацијата, од 15 до 64 - 65%, додека лицата на возраст од 65 години и повеќе претставуваат 7% од населението.
- Земји со највисок процент на стари лица
Според податоците што ги објави Турскиот завод за статистика, гледајќи го процентот на лица на возраст од 65 години и повеќе, во споредба со вкупната популација на државата, најголем процент на лица на оваа возраст е забележана во Монако (33,2%), Јапонија (28,4%) и Германија (22,4%).