Servet Günerigök
19 Септември 2019•Ажурирај: 19 Септември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Експертски тим на Обединетите нации (ОН) отпатува во Саудиска Арабија за да ги истражи неодамнешните воздушни напади врз големите постројки на саудиската нафтена компанија „Арамко“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Експертите ангажирани од Одделот за политички и мировни прашања (DPPA) ќе работат во согласност со мандатот доверен од Советот за безбедност на ОН“, истакна генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Во саботата, цел на напади со беспилотни летала беа два нафтени комплекси во Саудиска Арабија, чиј капацитет сочинува пет отсто од светското производство на нафта.
Јеменските бунтовници Хуси ја презедоа одговорноста и се заканија со нови напади, но властите на САД и Саудиска Арабија за нападите директно го обвинуваат Иран. Официјален Техеран ги негира обвинувањата на американските и саудиските власти и тврди дека иранските сили не се поврзани со нападите.
Првиот човек на ОН, Гутереш, ги оцени нападите како драматична ескалација во регионот на Заливот.