Bayram Altuğ
04 Септември 2019•Ажурирај: 05 Септември 2019
ЖЕНЕВА (АА) - БАЈРАМ АЛТУГ -
Членката на Делегацијата на експертите на Обединетите нации (ОН) за Јемен, Мелиса Парке, изјави дека десетици илјади цивили се убиени во Јемен кој е зафатен со војна, а дека постојат и докази дека силите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ги злоставуваат заробениците во тајни притворски центри, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата на меѓународни и регионални експерти за Јемен, која на крајот на 2017 година ја основа Советот за човекови права на ОН, вчера објави друг извештај за можните воени злосторства кои се сторени во текот на изминатите пет години војна во Јемен.
Експертите на ОН во извештајот наведуваат дека човековите права во Јемен ги кршеле силите на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, како и силите на јеменската Влада и бунтовничкото движење на Хусите.
Во извештајот се наведуваат и детали за злосторствата кои ги сториле коалициските сили предводени од Саудиска Арабија, а посебно е укажано на кршењето на човековите права од страна на силите на Обединетите Арапски Емирати.
Од ОН повикуваат на итно спречување на нападите на цивилите и кршењето на човековите и хуманитарните права во Јемен, а упатена е и остра критика на сите држави кои го продаваат оружјето на страните вклучени во војната.
Посебно е предупредено дека Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија и Франција би можеле да бидат соучесници во злосторствата во Јемен бидејќи продаваат оружје и пружаат логистичка и разузнавачка поддршка на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Обвинувајќи ги силите на просаудиската коалиција дека во воздушните напади во Јемен убиваат цивили, експертите во извештајот понатаму наведуваат дека и бунтовничките сили на Хусите извршувале напади на населените подрачја и ги носеле малолетниците на боиште.
Единствената жена во тричлената Делегација експерти на ОН за Јемен, Мелиса Парке, за АА изјави дека официјалните податоци на јеменските власти покажуваат дека во војната во изминатите пет години биле убиени речиси 10.000 цивили, а дека всушност се работи за значително поголем број настрадани.
„Војната и понатаму трае поради непристапноста до информациите бидејќи е невозможно да се зборува за прецизната бројка на настрадани. Со сигурност тука се работи за десетици илјади убиени и милиони луѓе кои се погодени со глад и уништени со здравствена и секоја друга инфраструктура“, изјави Парке.
Експертизата од Австралија вели дека преживувањето на 24,1 милион луѓе во Јемен, односно 80 отсто од вкупната популација на таа земја, директно зависи од хуманитарната помош.
Таа изјави дека силите на просаудиската коалиција извршиле воздушни напади и на центарот „Лекари без граници“ за лекување на колера и дека тоа може да се вброи во воени злосторства.
„Претседателот на Делегацијата, Калем Џeндуби, минатиот месец на ОН му предаде извештај за можните злосторства и листа на потенцијални злосторници“, изјави Парке.
Парке откри дека листата на осомничени за злосторствата во Јемен во тајност ќе ја чува комесарката на ОН за човекови права, Мишел Бачелет, сѐ додека не се формира механизам за нивно процесуирање.
„Сите одговорни за злосторствата во Јемен мораат да бидат изведени пред лицето на правдата. Механизмот за судење треба што побрзо да се основа, бидејќи во спротивно, злосторствата би можеле да бидат продолжени. Време е меѓународната заедница да реагира“, порача Парке.
Јемен уште од 2014 година е средиште на судири, кога Хусите поддржани од Иран го зазедоа поголемиот дел од земјата, вклучително и главниот град Сана.
Судирите ескалираа следната година, кога Саудиска Арабија, заедно со сојузниците започна опсежна воздушна кампања за враќање на придобивките остварени од Хусите во Јемен, пружајќи поддршка на просаудиската Влада во Јемен.