ВАШИНГТОН (АА) - Жесток дуел на Универзитетот „Хофстра“ ја одбележа првата претседателска дебата меѓу претседателските кандидати на САД, Хилари Клинтон (68) и Доналд Трамп (70), покажувајќи ги големите разлики во нивните пристапи, речиси во секој сегмент од политиката, јавува Anadolu Agency (AA).
Кандидатите 90 минути без прекин зборуваа на темите за економијата, расизмот во САД и борбата против тероризмот.
Расправата меѓу кандидатите започна на темата за економија. Хилари Клинтон истакна дека е потребно да се гради економија којашто нема да биде од корист само за богатите, туку за сите, и го бранеше ставот дека е потребно да се создадат услови за нови вработувања, раст на приходите и за зајакнување на средната класа.
„Сакам да инвестирам во вашата иднина“, рече Клинтон, истакнувајќи дека малите и средните претпријатија можат да создадат услови за отворање на нови работни места.
Трамп рече дека тековниот даночен систем и неговите прописи биле причина голем број американски фирми да ја напуштат земјата, додавајќи: „Потребно е да го спречиме уништувањето на изворите на вработување кај нас. Стотици фирми ги отпуштаат вработените и се селат во други земји“.
Тој изјави дека доколку биде избран за претседател, ќе го смени данокот и неговите прописи, со што трговијата ќе ја направи поатрактивна. На тој начин, богатите ќе останат во државата, ќе има нови инвестиции, обемот на работа ќе се зголеми и ќе се отворат можности за нови вработувања.
Трамп смета дека постоечките трговски договори се на штета на САД и смета дека е потребно тие одново да се разгледаат. „Договорот НАФТА, кој го потпиша Бил Клинтон, сопругот на Хилари, е најлошиот трговски договор“, рече Трамп.
Во еден момент, Трамп застанал, се свртел кон Хилари и ја запрашал: „Среќна ли си? Би сакал да си среќна, тоа за мене е важно“.
Хилари го бранеше ставот дека намалувањето на данокот е штетно за економијата и додаде дека на Трамп му е лесно во деловниот живот што го започнал благодарение на 14-те милиони долари што му ги оставил татко му. Таа вети дека ќе направи поголеми инвестиции во средната класа, со што ќе успее да ја реконструира економијата.
Зборувајќи за билансот на успех на Трамп, Хилари рече: „Можеби не ги платил федералните давачки и не сака за тоа да знае американскиот народ“.
Една од темите што најмногу го измачија Трамп беше прашањето околу информациите за данокот. На прашањето на Хилари: „Зошто не го обелодениш данокот“, Трамп одговори: „Хилари, доколку објасниш зошто од приватната е-пошта избриша 33.000 пораки, и јас ќе го соопштам мојот данок“.
Хилари рече дека згрешила што во комуникацијата користела приватна е-пошта.
- Расизам -
Двајцата кандидати зборуваа и на темите за редот и мирот во САД, на што Трамп изјави дека насилството мора да запре, особено на местата каде Латиноамериканците и Афроамериканците „живеат како во пекол“ поради криминалот.
Хилари Клинтон го обвини Трамп за расизам, истакнувајќи дека во своите објекти не им изнајмувал станови на Афроамериканите и на Латиноамериканците, потсетувајќи на тужбите против него.
Од друга страна, Трамп смета дека полицијата треба да има право да ги запира сомнителните и да ги претресува, право коешто поради расизам е забрането во Њујорк.
Хилари, пак, нагласи дека реформите во правосудството се неопходни, како и враќање на довербата меѓу полицијата и заедницата на која ѝ служи.
- Борбата против ДАЕШ -
По прашањето за борбата против ДАЕШ, Клинтон истакна дека терористичката организација преку интернет успева да изврши радикализација на луѓето, и поради тоа потребно е да се изврши инспекција на активностите на оваа организација на интернет.
Според неа, треба да се зајакнат воздушните акции и давањето поддршка на партнерите Курди во борбата против ДАЕШ.
Кандидатката на демократите упати жестоки критики до Трамп поради неговите чести расистички изјави, а особено за оние што се однесуваат за муслиманите.
Таа истакна дека е потребна поголема соработка со муслиманите од Средниот Исток. „Трамп ги навредува и муслиманите во земјата и муслиманите од светот“.
Трамп за борбата против ДАЕШ и за останатите терористички организации рече дека тие, користејќи го интернетот, вршат напади врз САД.
Во врска со инвазијата врз Ирак, Трамп нагласи дека уште од почетокот бил против оваа инвазија, сметајќи дека таа политика ќе предизвика хаос на Средниот Исток, но Хилари се бранела велејќи дека тоа не е точно.
Тој зборувајќи за борбата против ДАЕШ, истакна дека е потребно НАТО да биде присутен на Средниот Исток, и ѝ се обрати на Хилари со зборовите: „ДАЕШ беше малечко бебенце кога вие бевте министер за надворешни работи. Го занемаривте, и сега стана тоа што е“.
- „Не треба да бидеме светски полицајци“ -
Трамп ги критикуваше сојузниците на САД и соработката за безбедност. „За безбедноста што им ја даваме, земјите не плаќаат. Ние имаме големи трошоци, но тие не го плаќаат она што е потребно. Ги штитиме Јапонците, Јужна Кореја, Саудиска Арабија, но тие нам ништо не ни плаќаат“, рече Трамп.
Трамп истакна дека САД нема секого да штитат, додавајќи: „Нема да бидеме светски полицајци и оние што нема да плаќаат, нема да ги штитиме“.
- Нуклеарно вооружување -
„Една од најголемите светски закани во светот не се климатските промени, туку нуклеарната закана“, рече Трамп. Тој смета дека договорот што е постигнат со Иран е многу лош договор, истакнувајќи дека овој договор ќе му овозможи на Иран да зајакне.
Во врска со критиките на Трамп за договорот за нуклеарна програма потпишан со Иран, Хилари Клинтон рече дека ги поддржува сите инвестиции во Иран и благодарение на нив, Иран седнал на преговарачка маса.
Таа истакна дека Трамп воопшто не го интересира дали некои други земји имаат нуклеарно вооружување. „Загрижувачки е фактот што Трамп за себеси смета дека знае сѐ околу нуклеарното вооружување“.
- „Хилари нема моќ“ -
Зборувајќи за здравствените проблеми со кои се соочува Хилари, Трамп рече дека „Хилари ја нема моќта и силата да биде претседател“.
Трамп себеси се претстави како енергичен човек кој го контролира својот темперамент: „Една од моите најголеми доблести е отвореноста. Јас сум човек што победува“.
Медиумите пренесуваат дека Трамп и Хилари Клинтон често си влегуваа во збор во текот на дуелот, притоа не дозволувајќи му на соперникот да го доврши започнатото. Републиканскиот кандидат Трамп од страна на Хилари бил нарекуван „Доналд“, додека тој нејзе ѝ се обраќал со „секретарка Клинтон“, алудирајќи на нејзината поранешна функција.
Во публиката беа сопругот на Хилари, Бил Клинтон и ќерката Челзи, додека друштво на Доналд Трамп од публиката му правеше сопругата Меланија. По завршувањето на програмата, двајцата кандидати со своите семејства ги поздравија своите симпатизери.
До почетокот на изборите ќе бидат организирани уште два ТВ-дуела. И кандидатите за заменик-претседател своите адути ќе ги претстават на еден ТВ-дуел.
news_share_descriptionsubscription_contact
