Bayram Altuğ
28 Октомври 2016•Ажурирај: 29 Октомври 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Меѓународната организација за миграција (ИОМ) соопшти дека споредено со истиот период минатата година, во 2016 година, на светско ниво, бројот на загинати или исчезнати бегалци е зголемен за 20 отсто и изнесува 5.238 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Потпаролот на ИОМ, Леонард Дојл, на прес-конференцијата што се одржа во Канцеларијата на ОН во Женева рече дека само минатата недела, во Средноземното Море исчезнале или починале околу 280 бегалци од Либија кои се обидувале да стигнат во Италија.
Тој рече дека најголем број смртни случаи меѓу бегалците се случуваат во Средноземното Море, и оваа година животот го загубиле или исчезнале околу 3.930 бегалци кои се обидувале да пристигнат во крајбрежните градови на Европа, а околу 500 бегалци загинале при обидот да емигрираат во Латинска Америка.
Потпаролот Дојл информираше дека според податоците на ИОМ, заклучно со 26 октомври, бројот на бегалците кои преку море пристигнале во Европа изнесува 332.046, од кои 169.524 пристигнале во Грција, додека останатите 157.049 пристигнале во Италија.
Тој информираше дека споредено со истиот период минатата година, во 2016 година, на светско ниво, бројот на загинати или исчезнати бегалци е зголемен за 20 отсто и изнесува 5.238 лица, што значи дека секој ден умираат по 13 бегалци.