Fatjon Cuka
17 Декември 2015•Ажурирај: 18 Декември 2015
ТИРАНА (АА) - Во Тирана без поголеми инциденти заврши протестот на приврзаниците на опозицијата, собрани околу Демократската партија на Албанија (DP), која денес најави дека ќе продолжи со протесните собири сè до оставката на Владата на чело со премиерот Еди Рама, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред почетокот на обраќањето на претставникот на опозицијата, група демонстранти со јајца, брашно, домати и друг зеленчук фрлаа во правец на зградата на Собранието на Албанија, каде денес се одржува пленарна седница на која се расправа за предлог буџетот за 2016 година и фискалниот пакет.
Носејќи транспаренти на кои, меѓу другото, пишуваше „Рама оди си“, демонстрантите ја опколија зградата на Собранието пред која беше поставен полициски кордон.
Претседателот на Партијата на демократи Лулзим Баша, порача дека антивладините протести ќе траат сè до распуштање на Рама-Мета Владата, односно до распишување на предвремени парламентарни избори, а потоа ги повика демонстрантите да не се однесуваат насилнички кон полицијагта.
„Денес економијата во земјата говори јасно дека во тек на двете години на владеење на таа коалиција уништени се илјадници работни места. Доколку Владата за која ќе гласате како слободни граѓани не одговори на барањата, дојдете и срушете ја како денес овде. Ова е „апартхејд“ со кој ќе го срушиме по секоја цена, а демократијата има инструменти - изборите“, изјави претседателот на најголемата опозициска партија во Албанија.
Баша, кој инаку не ужива статус на пратеник во Собранието на Албанија, изјави дека опозицијата бара формирање на техничка влада која, како што истакна, би распишала слободни и чесни избори.
Актуелната влада и премиерот Рама ги обвини за непочитување на законот и корупција и подвлече дека граѓаните на Албанија денес се соочуваат со „држава без владење на правото“.
Минатата недела во Тирана е одржан уште еден антивладин протест, кога демонстрантите ја гаѓаа зградата на Владата на Албанија со камења, јајца, шишиња и димни бомби, потоа запалија бункер поставен пред Министерството за внатрешни работи на Албанија, додека една група демонстранти палеа транспаренти со ликот на албанскиот премиер Еди Рама.
Тогаш лидерот на опозицијата Лулзим Баша порача дека граѓаните имаат два избора: или да ја срушат Владата или да го прифатат рушењето на Албанија.