Associated Press
17 Октомври 2022•Ажурирај: 18 Октомври 2022
БРИСЕЛ (АА) - Долгопланираните годишни нуклеарни вежби на НАТО започнаа денес во северозападна Европа и покрај зголемените тензии поради војната во Украина и заканата на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе употреби какви било средства за одбрана на руската територија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претходно беше најавено дека 14 од 30-те земји членки на НАТО требаше да учествуваат на вежбите, за кои воената алијанса рече дека ќе вклучи околу 60 авиони.
Најголем дел од воените вежби ќе се одржат на најмалку 1.000 километри од руските граници.
Во маневрите наречени „Steadfast Noon“, што ќе траат до 30 октомври, учествуваат и американски бомбардери Б-52, а НАТО не дозволува пристап на медиумите.
Во соопштението на НАТО се наведува дека тренажните летови ќе се одвиваат над Белгија, која е годинашен домаќин на „Steadfast Noon“, како и над Северното Море и Обединетото Кралство.
Вежбите вклучуваат борбени авиони што можат да носат нуклеарни боеви глави, но не и нуклеарни бомби.
Вежбите беа планирани пред почетокот на рускиот напад врз Украина. Русија обично ги одржува своите годишни вежби во исто време, а НАТО очекува Москва да одржи нуклеарна вежба во текот на месецот.