Büşra Nur Çakmak
22 Април 2022•Ажурирај: 22 Април 2022
АНКАРА (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски рече дека на Украина ѝ се потребни 7 милијарди долари месечно за да ги надомести економските загуби, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски ги даде овие коментари во обраќањето на состанокот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) преку видеоврска.
Тој рече дека е потребна итна поддршка за Украина за „руското раководство да знае дека војната нема да му дозволи да реализира ниту една од неговите агресивни цели“.
„Русија треба да биде исклучена од сите меѓународни финансиски институции“, рече Зеленски, „и треба да се воведе специјален данок за војната“ кон Русија.
„Треба да продолжиме да ги блокираме средствата на руската држава и на претставниците на руската елита“, рече тој.
„Русија, а потоа и секој друг агресор, мора да плати за нарушувањето на глобалната стабилност“, додаде тој.
Извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, рече дека меѓународната финансиска институција во вторникот ги објави своите проценки за светската економија, според кои БДП на Украина ќе се намали за околу 40 отсто.
„Проценуваме дека во текот на следните 2-3 месеци може да бидат потребни околу 5 милијарди долари месечно, едноставно за да се дозволи Владата и економијата да продолжат да работат во екот на војната“, рече Георгиева. „Значи, потребно е повеќе надворешно финансирање - особено концесиско финансирање и грантови со брза исплата.“
Најмалку 2.345 цивили загинаа, а 2.919 повредени во Украина од почетокот на војната на 24 февруари, според проценките на ОН, а се смета дека вистинската бројка е многу поголема.
„Повеќе од 5 милиони Украинци побегнаа во други земји, а над 7,7 милиони се внатрешно раселени“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.