Nazir Aliyev Tayfur
24 Март 2022•Ажурирај: 24 Март 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, изјави дека Украина никогаш не ја загрозила безбедноста на Руската Федерација и ја повика светската јавност да ја прекине војната, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи ѝ се на нацијата со видеопорака објавена на сопствените профили на социјалните мрежи на 30-тиот ден од руската војна против Украина, Зеленски изјави дека зад себе оставиле еден месец на брутална војна што Руската Федерација ја започна против Украина.
„Украина никогаш не ја загрози безбедноста на Руската Федерација. Дури и сега, правиме сѐ за да го вратиме мирот на нашиот народ, на нашата земја, а не на вашата територија“, нагласи Зеленски.
Обраќајќи им се на граѓаните на Русија, Зеленски рече дека е сигурен дека има голем број луѓе кои се згрозени од политиката што ја води нивната држава.
„Сигурен сум дека некои од вас се уморни од она што го гледаат на вашите ТВ-канали. Платите на пропагандистите се исплаќаат од вашите даноци. Граѓаните на Русија стануваат посиромашни. Зарем не е глупаво што секој изминат ден вашата Влада ве оданочува за да ве осиромаши, да ве изолира, контролира и да ве испраќа да умрете во војна?“, рече Зеленски.
„Затоа, граѓани на Русија кои сакате мир, спасете ги вашите синови од војната. Кажете им ја вистината за војната. Напуштете ја Русија за да го избегнете плаќањето на даноците за војната“, додаде тој.
- „Руската инвазија на Украина е само почеток“
Зеленски истакна дека војната на Русија не е војна започната само против Украина.
„Тоа е многу пошироко. На тој начин Русија започна војна против слободата. Териториите на Украина се само почеток за Русија. Русија се обидува да им ја одземе слободата на сите луѓе во Европа и во светот, сакајќи да покаже дека е важна само грубоста и бруталната моќ, дека луѓето и сето она што нè прави луѓе не е важно“, рече Зеленски.
- „Сите заедно мора да ја запреме Русија, светот мора да ја запре војната“
„Сите заедно мора да ја запреме Русија, светот мора да ја запре војната. Благодарен сум им на сите што работат за поддршка на Украина, но војната продолжува. Продолжува тероризмот врз цивилите. Измина еден месец. Ова е предолго. Се крши моето срце, срцата на Украинците и на сите слободни луѓе во светот. Затоа сакам да се спротивставите на војната“, нагласи Зеленски во обраќањето до светската јавност.