Burç Eruygur
28 Април 2026•Ажурирај: 28 Април 2026
Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес најави дека неговата земја подготвува пакет санкции откако Киев соопшти дека уште еден брод, кој, наводно, превезувал „украдена“ пченица од териториите во Украина под руска контрола, пристигнал во Израел, пренесува Анадолу.
Во објавата на американската компанија за социјални медиуми Х, Зеленски напиша дека подготовките се вршат врз основа на информациите од украинските разузнавачки служби и дека соодветниот пакет санкции ќе ги опфати „и оние што директно ја транспортираат оваа пченица и поединците и правните субјекти што се обидуваат да профитираат од оваа криминална шема“.
„Во секоја нормална земја купувањето украдена стока е чин што повлекува правна одговорност. Ова особено се однесува на пченицата што ја украла Русија. Уште еден брод што превезува таква пченица пристигна во пристаниште во Израел и се подготвува за истовар. Ова не е – и не може да биде – легитимен бизнис. Израелските власти не може да не се свесни кои бродови пристигнуваат во пристаништата на земјата и каков товар носат“, изјави Зеленски.
Понатаму тој нагласи дека Украина ќе се координира и со европските партнери за да осигури дека инволвираните лица ќе бидат вклучени во европските режими на санкции.
„Украина смета на партнерство и меѓусебна почит со секоја држава. Ние искрено работиме на зајакнување на безбедноста, особено во регионот на Блискиот Исток. Очекуваме дека израелските власти ќе ја почитуваат Украина и ќе се воздржат од дејства што ги поткопуваат нашите билатерални односи“, додаде Зеленски.
Израелските власти досега не ги коментираа изјавите на Зеленски.