Mehmet Alaca
04 Април 2023•Ажурирај: 07 Април 2023
ВЕЛИНГТОН (АА) - Земјотрес со интензитет од 7 степени по Рихтер ја потресе Папуа Нова Гвинеја. Во земјотресот животот го загубија четири лица, а повеќе од 300 куќи се урнати, известува Анадолу.
Епицентарот на земјотресот се наоѓа во подрачјето на езерото Чембри, сместено во северниот дел на земјата. Земјотресот создаде длабоки пукнатини во земјата, што предизвика уривање на објекти и човечки жртви.
Според веста што ја објави весникот „Пост-Куриер“ („Post-Courier“), заснована врз информации добиени од локалните власти, земјотресот предизвикал штети во 23 села, при што четири лица ги загубиле животите, а најмалку 17 се повредени.
Од силниот потрес се урнати повеќе од 300 куќи.
Метју Моихои (Mathew Moihoi), заменик-директор на опсерваторијата за геофизика „Порт Моресби“ („Port Moresby“), изјави дека можеби ќе бидат потребни неколку дена за да се дознае степенот на предизвиканата штета поради оддалеченоста на зоната погодена од земјотресот и проблемите во комуникациските линии.
Моихои изјави дека земјотресот бил доволно силен за да се почувствува и во околните региони, вклучително и планинските региони на земјата.
Американскиот институт за геологија (USGS) објави дека земјотрес со интензитет од 7 степени според Рихтеровата скала е регистриран околу 04:00 часот по локално време вчера изутрина, на длабочина од 62 километра.
Папуа Нова Гвинеја се наоѓа во зоната на пацифичкиот „Огнен прстен“ каде што се случуваат најголем дел од земјотресите и вулканските активности во светот.
Во земјотресот со интензитет од 7,6 степени според Рихтеровата скала, кој ја потресе оваа земја во септември 2022 година, животот го загубија 21 лице.