Ekipa
08 Септември 2021•Ажурирај: 09 Септември 2021
МЕКСИКО (АА) - Силен земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала ја погоди југозападната мексиканска држава Гереро доцна синоќа, соопшти Националната сеизмолошка служба на Мексико, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пријавени се прекини во снабдувањето со електрична енергија, додека досега не е пријавена значителна штета во главниот град на државата, Мексико Сити.
Мексико Сити, хронолошки, е сеизмичко подрачје. Во 2017 година, во земјотрес со иста јачина загинаа стотици Мексиканци, причинета беше огромна материјална штета во главниот град, а голем број луѓе беа повредени и заробени под урнатините.
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор соопшти дека нема информации за загинати или значителна материјална штета во државата Гереро или во соседните држави.
„За среќа, нема сериозна штета. Разговарав и со шефицата на Владата на Мексико Сити ... и таа го кажа истото. За среќа, засега немаме информации за загубени човечки животи“, рече Лопез Обрадор во порака објавена на неговиот профил на социјалните медиуми.
Секретарот на Морнарицата рече дека не се очекува цунами како последица на земјотресот.
Од 22 часот по централно стандардно време регистрирани се многу последователни потреси, од кои најсилниот со јачина од 5,2 степени.