Ekip
19 Мај 2022•Ажурирај: 20 Мај 2022
КИЕВ (АА) - Зоолошката градина во Киев, главниот град на Украина, стана дом на животни донесени од зоолошките градини од регионите на земјата каде што војната продолжува, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зоолошката градина во Киев, која беше затворена во првите денови од војната меѓу Русија и Украина која започна на 24 февруари, минатата недела е повторно отворена за посетители.
Од руските напади беа погодени и животните во Зоолошката градина, која е посетувана од голем број жители на главниот град.
Продолжуваат да се носат животни во Зоолошката градина во Киев од областите каде што продолжуваат конфликтите.

Генералниот директор на Зоолошката градина во Киев, Кирил Трантин, истакна дека најголемата зоолошка градина во земјата е отворена пред 115 години.
Наведувајќи дека во Зоолошката градина има околу 200 вида животни, Трантин рече дека животните минале тешки денови кога руската војска го нападнала Киев.
„Нашиот слон беше под голем стрес. Моравме да додаваме седативи во храната што му ја дававме. Исто така, и зебрите беа под стрес. На 20-тиот ден од војната почнавме да ги вадиме животните на отворено само по 5-10 минути дневно“, рече директорот Трантин.

- „Во нашата градина беа донесени 141 животно од опасните подрачја“
Наведувајќи дека 141 животно биле спасени од опасните региони на земјата и донесени во Зоолошката градина во Киев, Трантин додаде:
„Некои луѓе своите миленици ги донесоа овде и заминаа на безбедни места. Тигрите беа донесени од Зоолошката градина во Харков, а фазаните беа донесени од селото Макарив, каде што продолжуваат борбите. Има и некои животни донесени од регионот Житомир. Меѓу нив се наоѓаат мајмуни, желки, папагали, фазани, гуштери, змии. Откога почна војната, во градината е донесена и ранета газела. Не успеавме да ја спасиме."

Трантин, објаснувајќи дека Зоолошката градина добила помош од европските земји, изрази дека тие даваат поддршка и за зоолошките градини во другите делови на Украина.
Посочувајќи дека Зоолошката градина минатата недела е повторно отворена за посетители, Трантин рече: „На граѓаните им треба спокој за време на војната. Има луѓе кои се вратија во Киев. Тие сакаат да излезат на улица. Луѓето ја поздравија одлуката за отворање на градината.“
Меѓу другото, Трантин ја сподели својата надеж дека војната наскоро ќе заврши и дека мирот во неговата земја ќе биде вратен.